Танкер што превезувал 7.000 тони дизел потона во близина на брегот на популарниот шпански туристички остров Ибица.
Како што соопштија шпанските власти, еден член на екипажот загинал во инцидентот, додека останатите 16 се спасени.
Станува збор за танкерот „Мед Емре“, што пловел под малтешко знаме, кој испловил од Алхесирас во јужна Шпанија, кон Барселона.
Министерството за внатрешни работи на Шпанија, соопшти дека танкерот синоќа „се соочил со проблеми“ и потонал на околу 25 наутички милји (46 километри) од брегот на шпанскиот остров Ибица.
Сè уште не е јасно со какви проблеми се соочил бродот и која е причината за негово потонување.
Првично, сите 17 членови на екипажот биле спасени, но еден од нив подоцна починал во болница. Шестмина други биле хоспитализирани со полесни повреди, главно како последица на хипотермија.
Властите стравуваат од еколошка штета поради можно истекување на нафта. Поради тоа, активиран е националниот план за итни случаи во случај на загадување.
Шпанските служби за поморско спасување испратија специјализиран брод за справување со излевања на нафта на местото на инцидентот. Ситуацијата, исто така, внимателно се следи и од воздух.

