Агенти на американските федерални полициски служби извршија претрес во домот на демократската конгресменка Илхан Омар, која со години е цел на вербални напади од страна на претседателот на САД, Доналд Трамп.
Портпарол на америнаското Министерство за правда соопшти дека агенти од Одделот за истраги при Службата за внатрешна безбедност (ХСИ) извршиле претрес во реонот на Вашингтон, како дел од „тековна федерална истрага“.
Во соопштението не се наведува за каква точно истрага се работи.
Сепак, телевизијата „Фокс њуз“ повикувајќи се на анонимни извори јави дека истрагата се однесува на имиграциските документи што таткото на 44-годишнта Илхан Омар ги пополнил додека таа сè уште била дете.
Омар е со сомалиско потекло и е членка на Претставничкиот дом на САД од 2019 година. Таа со години е на удар на критики од страна на републиканците и на членови на Администрацијата на Трамп.
Така, Трамп и неговите поддржувачи тврдат дека нејзиното семејство извршило измама за време на имигрирањето во САД, а американскиот оретседател дури изјави дека сака да ја депортира. Омар ваквите обвинувања ги нарекува лажни и политички мотивирани.
За демократите станува збор за злоупотреба на власта од страна на Трамп
Претресот се случува на три недели пред изборите за Конгресот на САД на 3 ноември, на кои Омар се кандидира за реизбор.
Поради тоа, демократите оценуваат дека тајмингот на акцијата не е случаен и обвинуваат за злоупотреба на власта од страна на Трамп и неговата Администрација непосредно пред изборите.
Министерството за правда по правило избегнува јавни истражни дејствија против кандидати во период од 60 дена пред прелиминарните или општите избори, но овој пат тоа не е случај.

