Рочиштето од судскиот процес во кој на поранешниот вицепремиер Артан Груби и уште седум лица им се суди под обвинение за злоупотреби во „Државната лотарија“, се поместува за 18 септември, откако денеска се појави првообвинетиот Перпарим Бајрами, поранешен директор на компанијата, кој досега беше во бегство.
Од Кривичниот суд појаснуваат дека во текот на денот на обвинетиот ќе му биде доставен примерок од обвинителниот акт и дека тој има законски рок од осум дена за увид во предлогот.
„Управата на КПУ „Затвор Скопје“ го извести Основниот кривичен суд Скопје дека Перпарим Бајрами, првообвинет во предметот со К.бр. 1494/26 поврзан со „Државната лотарија“, а кој се бараше со меѓународна потерница, утрово, нешто по 7 часот е спроведен во затворот на издржување на претходно определената мерка притвор. Заради тоа Судот, во текот на денов, на обвинетиот ќе му достави примерок од обвинителниот предлог како би можел да се запознае со истиот, а со оглед да Законскиот рок за увид во предлогот и доказите е 8 дена, расправите насрочени за 11 и 16 септември се отповикуваат, а судењето ќе продолжи на 18 септември во 12:00 часот“, велат од Кривичниот суд.
Покрај Груби и Бајрами во случајот се обвинети и Методија Димовски, Скендер Мехмети, Бојан Мехмети, Фатмир Рамафановски, Александар Димитровски и Башким Авди.
Основното јавно обвинителство Скопје на 13 август годинава поднесе обвинителен предлог против осумте лица, кои, како што се наведува, во текот на 2023 и 2024 заеднички презеле дејства со кои ги пречекориле границите на своите посебни овластувања и должности, со намера да му нанесат штета на оштетеното правно лице Акционерско друштво за приредување игри на среќа „Државна лотарија на Република Северна Македонија“ во значителна вредност од 507.632.173 денари (околу 8,2 милиони евра).
На сите обвинети им се става на товар кривично дело злоупотреба на службената положба и овластувањето од член 353 став 5 в. в. став 4 в. в. став 1 в. в. член 22 од Кривичниот законик за кое е предвидена затворска казна од најмногу пет години.
За првообвинетиот Бајрами, Обвинителството бара да му биде определена мерка притвор во траење од 30 дена, а за вториот обвинет Артан Груби предложено е продолжување на претходно определената мерка куќен притвор, која му е определена заедно со мерката привремено одземање патна исправа и забрана за издавање патна или друга исправа за преминување на државната граница.
Груби, по повеќе од 14 месеци бегство, во февруари годинава беше уапсен на граничниот премин Блаце. По распит во Обвинителството, Груби, наместо во притвор, кој претходно му беше определен во отсуство, поради безбедносни причини, доби куќен притвор.
Останатите обвинети се поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски и петмината членови на Надзорниот одбор на Државна лотарија.
Обвинението пред судот го застапуваат обвинителите Даниел Коцев и Александар Давчевски од Основното јавно обвинителство Скопје, кои Обвинителите најавија изведување на 231 материјални докази, вештачења и искази на седум сведоци.

