Европската Унија ќе биде домаќин на самит со Велика Британија на 20 ноември, на кој ќе се разговара за зајакнување на стратешкото партнерство и за заедничките напори за мир и безбедност во Европа, соопшти Европскиот совет.
Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, на средбата ќе го пречекаат британскиот премиер Енди Бернам.
„ЕУ и Велика Британија се партнери со слични ставови, кои споделуваат заеднички вредности, го поддржуваат мултилатерализмот и меѓународниот поредок заснован на правила и учествуваат во промовирањето на стабилноста и просперитетот во Европа и во светот“, се наведува во соопштението на Европскиот совет.
Од Европскиот совет оценуваат дека самитот ќе биде можност за зајакнување на стратешкото партнерство и за усогласување на заеднички ставови во напорите за зачувување на мирот и безбедноста во Европа.
Британскиот премиер Бернам минатиот месец изјави дека Велика Британија треба повторно да ги разгледа опциите за своите идни односи со ЕУ, вклучително и можноста за повторно приклучување кон Унијата, од која земјата се повлече по референдумот пред една деценија.
Велика Британија и ЕУ и досега разговарале за одделни области на соработка. Тие, меѓу другото, постигнале договор за одредени правила во областа на јавното здравство со цел да се ограничат граничните проверки за земјоделските производи, како и договор за програма за младинска мобилност.
Токму овие теми би можеле да бидат дел од разговорите на ноемврискиот самит и од обидите за постигнување нови договори меѓу Лондон и Брисел.
Самитот првично беше планиран за јули, но беше одложен откако претходникот на Бернам, Кир Стармер, објави дека поднесува оставка.

