Шефовите на дипломатиите на 29 земји во заедничка изјава ги осудија насилните напади, актите на саботажа и хибридните активности на Иран во странство.
„Најостро ја осудуваат употребата на насилни напади од страна на Иран, вклучително и планирање смртоносни напади, подметнување пожари, саботажи, кибер напади и други хибридни активности насочени против нас и нашите партнери“, се наведува во изјавата.
Како што соопшти британското Министерство за надворешни работи, во изјавата министрите наведуваат дека настаните во британската воена база „Ферфорд“ покажале оти Корпусот на Иранската револуционерна гарда сè уште е подготвен „да спроведува непријателски активности надвор од своите граници преку тајни мрежи и посредници“.
Во изјавата се укажува и на активностите на проиранската група Исламско движење на луѓето од вистинската страна (ХАЈИ), која е поврзана со разни антисемитски испади во Европа, вклучително и со нападот врз синагогата во Лиеж во март годинава.
„Секој обид на Иран да се заканува, да замолчува, да заплашува, да вознемирува, да нанесува штета или да врши притисок врз луѓе на нашите територии преку посредници или на кој било друг начин е неприфатлив“, се додава во документот.
Министрите посочуваат и дека секој што спроведува непријателски активности во име на Иран, или на која било друга држава, треба да знае дека ќе бидат преземени мерки за негово идентификување, истражување, спречување и гонење на таквите дејствија.
„Иран не треба да се сомнева дека сме обединети и остануваме посветени на зачувувањето на нашиот суверенитет и зајакнувањето на нашата меѓународна координација, на јакнењето на нашата национална отпорност, на заштитата на нашите заедници и на обезбедувањето одговорност за оние што се виновни“, се додава во изјавата.
Според Форин офисот, декларацијата е потпишана министрите за надворешни работи на Австралија, Австрија, Белгија, Бугарија, Велика Британија, Германија, Грција, Данска, Естонија, Ирска, Исланд, Италија, Канада, Летонија, Литванија, Луксембург, Малта, Нов Зеланд, Норвешка, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, САД, Унгарија, Финска, Франција, Холандија, Хрватска, Чешка, Шведска и Шпанија.

