Извозот на сурова нафта од Блискиот Исток се зголеми на 12,8 милиони барели дневно во септември, што е највисоко ниво од почетокот на израелско-американската војна со Иран во февруари, според податоците на „Кплер“ објавени денес.
Закрепнувањето се случи како резултат на зголемениот извоз преку Ормутскиот теснец, за кој се очекува да достигне околу 7,4 милиони барели дневно овој месец. Саудиска Арабија пренасочи дел од својот извоз од пристаништето Јанбу на Црвеното Море откако нападите го оштетија нејзиниот клучен нафтовод, покажаа прелиминарните податоци.
И покрај закрепнувањето, извозот од регионот е сè уште за околу шест милиони барели дневно помал отколку во февруари, кога изнесуваше 18,8 милиони барели дневно, според „Кплер“.
Саудиска Арабија го зголемува извозот
Се очекува Саудиска Арабија, најголемиот извозник во регионот, да испорача околу 5,4 милиони барели дневно овој месец, во споредба со само 2,446 милиони барели дневно во август.
Пратките од пристаништето Рас Танура во Заливот се зголемија на околу 3,6 милиони барели дневно во септември, во споредба со 929.000 барели дневно во август. Сепак, тие се уште се пониски отколку во февруари, кога пристаништето испорачуваше 6,411 милиони барели дневно.
Податоците на „Кплер“ покажуваат дека вкупно 19 големи танкери за сурова нафта поминале низ Ормускиот теснец минатата недела. Секој од нив носи околу два милиони барели саудиска нафта. Податоците не ги вклучуваат бродовите што можеби поминале низ теснецот со исклучени транспондери за да избегнат откривање, објавува „Ројтерс“.

