Вечерва, во рамки на 51-то издание на Фестивалот Млад Отворен Театар, во салата „Фросина“ на Младинскиот културен центар-Скопје, две млади актерки Илина Чоревска и Викторија Степановска Јанкуловска, во 20 часот, ќе ја одиграат претставата „Свињи“, работена според текстот на Томислав Зајец, а во режија на Тамара Стојаноска.
Преку специфичниот драмски јазик, во кој се преплетуваат апсурдот, црниот хумор и гротеската, Зајец создава свет што истовремено е суров, поетичен и длабоко вознемирувачки. Оваа постановка го чита овој текст како современа општествена и психолошка алегорија што ги отвора прашањата за моќта, одговорноста, идентитетот, осаменоста, траумата, насилството и човековата потреба за бегство од реалноста.

Во центарот на приказната се две сестри, но нивниот однос е само појдовна точка за истражување на механизмите преку кои луѓето се обликуваат, оттурнуваат и стануваат производ на средината во која живеат. Ликовите, затворени во сопствените светови, стануваат одраз на нашата потреба да ги контролираме другите, да ги проектираме сопствените неуспеси врз нив и да создаваме реалности во кои насилството станува нормализирано, наместо препознаено како зло. Претставата не се обидува да осуди, туку да разбере. Таа истражува како осаменоста, траумите од детството, недостатокот на љубов и емпатија, како и наследените модели на однесување, го обликуваат човекот. Во својата суштина, зборува за тоа како насилството раѓа ново насилство и како општеството честопати прво ги оттурнува, ги напушта и ги заборава најранливите, а дури потоа ги осудува за луѓето во кои се претвориле.
Претставата е копродукција помеѓу Театар „Златен Елец“ и Центарот за Култура- Битола, превод од хрватски јазик на текстот го направија Тамара Стојаноска, Никола Стојаноски, дизајн на звук, избор на музика и автор на текст за сонг е на Лука Тошев, сценографијата и костимографијата е на режисерката, маските ги изработи Горан Спасевски, фотогорафија: Јордан Звездоски, дизајнот на постер и рекламен материјал го работеше Бојана Цилевска, а продуцент е Бобан Алексоски.


