На Табановце е приведен српски државјанин кој летово двапати возел со двојно повеќе од дозволената брзина.
Вчера (29.08.2026) во 23:20 часот, на Граничниот премин Табановце, на излез од државата, полициски службеници го лишиле од слобода Д.П.(34) од Република Србија, откако при проверка на патничко возило „шкода“ со српски национални ознаки, управувано од него, преку системот „Безбеден град“ било констатирано дека во два наврати бил евидентиран како сторител на кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик – „безобѕирно управување со моторно возило“, информира денеска МВР.
На 22.07.2026 година, во 13:42 часот, на автопатот А1, во близина на Демир Капија, Д.П. возел со брзина од 163 километри на час, а на 20.08.2026 година, во 19:40 часот, на истата делница, повторно управувал со брзина од 169 километри на час, и во двата случаи на место каде што максимално дозволената брзина изнесува 80 километри на час.
Д.П. е спроведен во Полициската станица од општа надлежност Неготино за понатамошна постапка и против него МВР најавува кривична пријава.

