Здравствените власти информираат дека се намалува бројот на нови случаи на западнонилска треска. На Клиниката за инфективни болести во тешка состојба се двајца пациенти, а тројца веќе се екстубирани.
Двајцата критички пациенти, како што информира директорот на Клиниката за инфективни болести Фадил Цана, се над 60 години и имаат и други придружни болести.
На Одделот за интензивна нега се пет пациенти, од кои сите беа со тешка клиничка слика. Тројца се екстубирани, кај нив е значително подобрена клиничката слика. Но, тоа е динамичен процес, очекуваме дека брзо ќе бидат опоравени. Засега остануваат на респиратор двајца пациенти кои се во доста тешка здравствена состојба. Потешките пациенти се во напредната возраст и се пациенти кои имаат многу други придружни заболувања. Сите се мажи над 60 годишна возраст, изјави Цана на прес-конференцијата во Министерството за здравство.

