Со 15 улични акти, повеќе од 20 артисти и богата придружна програма, од денеска до 19 септември на Плоштадот „Македонија“ и улицата „Македонија“ ќе се одржи јубилејното 10. издание на фестивалот на живи статуи „Статуафест – Другото лице на улицата“.
Фестивалот, во организација на Театроск, годинава одбележува една деценија постоење, период во кој јавниот простор во Скопје беше претворан во сцена, а минувачите во непосредна публика на уличната уметност.
Организаторите посочуваат дека овогодишното издание, покрај јубилејниот карактер, испраќа и порака „Слобода е да не го правиш она што не сакаш да го правиш“, како тематска рамка на фестивалот.
Во трите фестивалски вечери ќе бидат претставени 15 живи статуи и улични перформанси, реализирани од артисти кои со години се дел од продукцијата на Театроск. Од фестивалот нагласуваат дека последниве години посебен акцент се става на едукацијата и професионалниот развој на домашните улични уметници.
Во рамки на програмата ќе биде поставена и светлосната инсталација „Силуети од минатото“ на Горан Казанковски, составена од стилизирани светлечки фигури кои преку минималистичкиот визуелен израз го оживуваат јавниот простор и отвораат асоцијации за сеќавањето и минатото.
Посетителите ќе имаат можност да ја видат и изложбата на Ненад Рафајловски, инспирирана од живите статуи и визуелните перформанси што Театроск ги создавал низ годините во Скопје и на европските фестивали каде настапувал.
Фестивалската програма ќе започнува секоја вечер во 18:30 часот.
„Статуафест – Другото лице на улицата“ е поддржан од Општина Центар, Министерството за култура и туризам, АМСМ и повеќе институции и компании.

