Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вечерва изјави дека еден од учесниците во синоќешното убиство во Чаир е затвореник кој издржувал затворска казна.
„Согласно првичните информации што ги имам, еден од учесниците во рамки на овој кривично-правен настан е лице кое е уапсено од страна на МВР и кое моментално е на издржување казна затвор. Дали било пуштено, ослободено или така натаму, сè уште е рано да навлегуваме во тие детали, изјави Тошковски за телевизија Канал 5.
Тој вели дека се обезбедени соодветни докази и дека според првичните информации не станува збор за организирана криминална група што се пресметува за превласт на теренот.
„Во овој момент официјално не би можел да издвојам кои се мотивите. Можам само да истакнам дека интензивно се работи на предметното кривично дело. Министерството за внатрешни работи има првични информации за сторителите. Има обезбедено и соодветни докази во однос на тоа кои се сторителите, така што се надевам дека најбрзо што може ќе ги обезбедиме и тие ќе бидат предмет на кривичен прогон“, рече Тошковски.

