На новинарите на Си-Ен-Ен, Ем-Ес Нау и Политико попладнево повторно им е овозможен пристап до Белата куќа, откако утрово тоа не им беше дозволено и покрај одлуката на федералниот судија Тимоти Кели со која забраната за влез беше прогласена за неуставна.
Сепак конечно трите медиуми соопштија дека нивните новинари „повторно се добредојдени во Белата куќа“ и добиле валидни акредитации од службите за безбедност.
И покрај судската одлука, нив претпладнево не им беше дозволно да влезат во Белата куќа, по што најавија дека ќе побараат итно сослушување пред судијата, потсетувајќи дека одлуката на Федералниот суд е задолжителна.
Федералниот судија Кели, претходно, оцени дека забраната за пристап на екипите од овие три медиумски куќи „веројатно е неуставна“, бидејќи новинарските акредитации им биле одземени без „правна постапка соодветна на уставните барања“ и ѝ наложи на Администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп веднаш да им ги врати акредитациите на медиумските работници.
Трамп во петокот им забрани на екипите на трите медиумските куќи да влезат во комплексот на Белата куќа, обвинувајќи ги дека „постојано шират лажни вести“. Си-Ен-Ен, Ем-Ес Нау и Политико ја тужеа администрацијата на Трамп, тврдејќи дека забраната е нелегална.
За време на судската постапка, адвокатите на Администрацијата тврдеа дека претседателот има право да одлучува за пристап до Белата куќа и дека извештаите на медиумите претставуваат безбедносен ризик.
Меѓутоа, адвокатите на медиуми тврдеа дека оправдувањата за ризик по националната безбедност биле изнесени дури откако била воведена забраната.

