Од почетокот на конфликтот меѓу Израел и Хамас бројот на случаи на насилство врз жени и девојчиња во Газа нагло порасна, се посочува во два нови извештаи на Фондот на ОН за население (УНФПА).
Фондот, чии активности се посветени на глобалните еднакви можности и родовата еднаквост, посочува дека тие форми на насилството врз палестинските жени и девојчиња во Појасот Газа вклучуваат присилни бракови, продажба на девојчиња за храна и силување.
Во 2026 година, бројот на пријавени случаи на насилство врз жени се зголемил за 27 проценти за само неколку месеци. Овие наоди се засноваат на 230 сведоштва и анализи на податоци од 10 различни организации.
„Нема стабилност, нема мир. Само постојан стрес и исцрпеност“, вели еден сведок.
Според УНФПА, постојат различни причини за зголеменото насилство. Меѓу другото, континуираното бомбардирање и потребата за бегство, честопати и повеќекратно, потоа недостигот на безбедносна инфраструктура, пренатрупаноста и немањето услови на приватност се фактори кои придонесуваат кон зголемената несигурност за жените.
Бројот на детски и присилни бракови се зголемил за 123 проценти за само неколку месеци во 2026 година.
Според сведоштва од жени и девојчиња во бегалските кампови во Хан Јунис и градот Газа, сексуалното насилство и силувањето се случуваат редовно.

Еден сведок наведува дека жртвите на силување често се принудени да се омажат за сторителот за да се избегне скандал во заедницата и за семејството. „Кога ќе се дознае дека во некое училиште се случило силување, следниот ден таму гледате свадба и веселба“, велат тие.
Стигнавме до точка каде што жената добива помош дури откако ќе биде целосно злоупотребена,
сведоштво на палестинска жена од Хан Јунис.
Податоците, исто така, покажуваат дека овие бракови не се исклучок. Бројот на детски бракови и присилни свадби се зголемил за 123 проценти во вториот квартал од 2026 година во споредба со претходното тримесечје.
Покрај тоа, децата понекогаш се мажат или женат во замена за храна. Во извештајот, една жена сведочи дека еден Палестинец ја продал својата 14-годишна ќерка за две вреќи брашно за остатокот од семејството да има што да јаде.
Друг сведок зборува за тоа како членови на семејството ги мажат девојчињата. „Присуствував на свадбата на две девојчиња од моето семејство, првото имаше 14, а второто 15 години. Нивниот чичко сакаше да се ослободи од нив, бидејќи нивните родители беа убиени, а тој не сакаше да ја преземе одговорноста и трошоците“, вели тоја
Мажите го истураат својот гнев врз жените
Семејното насилство беше голем проблем во Појасот Газа уште пред војната. Во месеците пред почетокот на војната, според анализите, секоја трета Палестинка во областа била жртва на насилство од страна на својот сопруг.

Претходни истражувања веќе покажаа дека овие бројки растеле за време на конфликтите со Израел, вклучително и во периодот меѓу 2005 и 2010 година.
„Мажите го истураат својот гнев врз своите сопруги, а сопругата нема друг избор освен да го трпи тоа“, се додава во извештајот.
Неколку жени, исто така, сведочат за семејното насилство. „Ги познавам луѓето што живеат во шаторот до нас. Мажот ја тепаше мајка си кога таа изгуби контрола над мочниот меур, бидејќи немаа пари да купат пелени“, раскажува жена во извештајот.
Организациите за човекови права продолжуваат да инсистираат да не се губи фокусот од Појасот Газа. Сепак, иако постои официјален прекин на огнот, Израел речиси секојдневно спроведува воздушни напади врз цели на Хамас и одржува воено присуство во Појасот Газа.
Израелската Влада дозволува хуманитарна помош, но областа сè уште не е целосно отворена и постојат строги ограничувања за доставување на материјали за кои Израел смета дека можат да се користат за воени цели.
Во меѓувреме, хуманитарните организации продолжуваат да работат на образовни програми, подобрување на здравствената заштита, кампањи против сексуалното насилство и детските бракови, како и на обезбедување подобри услови за сместување.
Според сведоштвата, токму тоа им е потребно и на Палестинките. „Ни треба нешто друго освен шатор, бидејќи е премногу лесно некој да влезе и да изврши насилство“, вели сведок цитиран во извештајот.

