Францускиот Сенат даде конечно одобрување за контроверзен закон со кој се воведува претпоставка дека полицајците и жандармите постапувале во рамките на законот кога употребувале огнено оружје – потег што предизвика остри критики од организациите за човекови права и левичарските политички партии.
Законот беше усвоен во Сенатот во петокот со 205 гласа „за“ и 110 „против“, откако претходно, во јули, доби зелено светло од долниот дом на парламентот.
Поддржувачите на законското решение – меѓу кои се француската влада и партијата „Национален собир“ (RN) на крајно десничарската кандидатка Марин ле Пен – тврдат дека целта е да се заштитат полицајците од автоматски обвинувања за употреба на несразмерна сила, пренесува „Франс 24“ (France 24).
Министерот за внатрешни работи, Лоран Нуњез, изјави дека новата регулатива ќе стави крај на „автоматската практика на притворање на секој полицаец или жандарм кој го употребил своето оружје“.
Тој посочи дека законот ќе го коригира она што го нарече „рефлекс за систематско доведување во прашање на секојдневната, исклучително тешка работа на безбедносните сили“.
Критичарите, сепак, предупредуваат дека законот би можел да го попречи покренувањето истраги и утврдувањето на одговорноста на полициските службеници.
Демонстрантите и организациите за човекови права го нарекоа законот „дозвола за убивање“. Француската лига за човекови права предупреди дека новата регулатива би можела да го блокира започнувањето истраги во случаите кога полицијата употребува огнено оружје – вклучително и ситуации кога возач не постапува според полициските наредби, или за време на операции за контрола на толпата на протести.
Левичарските политички партии најавија дека ќе поднесат жалба до францускиот Уставен совет во обид да го спречат стапувањето на законот во сила.
Усвојувањето на овој закон доаѓа во момент кога обвинувањата за полициска бруталност повторно се во центарот на јавната дебата, по неколкунеделните протести предводени од студенти.
Според извештајот објавен минатата година од едно француско тело за човекови права, веројатноста полицијата да ги запре младите мажи кои се перципираат како Арапи, црнци или лица со потекло од Северна Африка, е четири пати поголема отколку кај остатокот од населението.
Франција усвои закон со кој се воведува претпоставка за легитимна самоодбрана на полицијата при употреба на огнено оружје

