дома ТОП ВЕСТИ Полицијата заплени десетици тони марихуана од скопската фабрика „Алфафарм“

Полицијата заплени десетици тони марихуана од скопската фабрика „Алфафарм“

Во рамките на истрагата поврзана со заплената на пет тони марихуана во Србија, за која  се тврди дека потекнувала од фабрика за производство на медицински канабис во Македонија, полицијата синоќа  заплени десетици тони марихуана од компанијата „Алфафарм“, која се наоѓа во кругот на поранешната фабрика ОХИС.

На снимката која вечерва ги  објавија телевизиите  се гледаат камиони со натоварената марихуана како го напуштаат кругот на поранешен ОХИС.

Според првичните информации кои ги објавија повеќе он лајн медиуми, вечерва станува збор за заплена на десетици тони марихуана од компанијата, во која косопственик е Иван Драгниќ, уапсен во Србија во врска со петте тони марихуана пронајдени во фабрика во сопственост на општински советник на владејачката Српска напредна партија во Крушевац.

Акцијата ја спроведува Министерството за внатрешни работи по насоки на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, а станува збор за повеќемесечна истрага насочена кон организирана криминална мрежа поврзана со нелегално производство и трговија со марихуана.

Во фокусот на истражните органи е компанијата „Алфафарм ДОО Скопје“, основана во 2023 година и регистрирана за одгледување и преработка на лековити и ароматични растенија за фармацевтска употреба. Според податоците од Централниот регистар, фирмата располага со основна главнина од околу 529 илјади евра, а сопственичката структура била менувана непосредно пред откривањето на пратката со дрога во Србија.

Полициско рација синоќа  се случуваше токму  во кругот на поранешниот индустриски комплекс ОХИС во Скопје, каде што се наоѓа седиштето на компанијата, а на терен се и истражители од обвинителството, како и медицински екипи.

Истрагата доаѓа само неколку дена по акцијата во Србија, каде што беа откриени пет тони марихуана во магацин во близина на Крушевац, за кои српските власти тврдат дека потекнуваат од Македонија. Според официјалните информации од Белград, за шверцот се осомничени пет лица, од кои две сè уште не се достапни за органите на прогонот.

Премиерот Христијан Мицкоски синоќа во гостување во вестите на МРТ во одговор на прашање за заплената на пет тони марихуана во Србија за која српските власти тврдат дека дошла од Македонија најави дека МВР деновиве, а можеби и денеска, ќе излезе со запленети десетици тони дрога за која е констатирано дека незаконски е пуштена во промет или незаконски складирана.

– Очекувам деновиве Министерството за внатрешни работи да излезе со десетици тони, не со неколку тони, туку со десетици тони на ваков тип недозволени средства, односно недозволени материи, дрога, марихуана во случајов која во моментов се наоѓа во складиштата во Македонија или, пак, на некаков начин имало односи помеѓу одредени правни субјекти, не само во државата, туку и надвор од државата за коишто е констатирано дека се незаконски пуштени во промет, но и незаконски складирани, потенцираше Мицкоски во гостување во вестите на МРТ.

Тој додаде дека креаторите на ваквите политики од минатото мора да сносат одговорност, посочувајќи дека многу млади луѓе станале жртви на овој начин на функционирање.

Од МВР и Обвинителството најавуваат дека повеќе детали ќе бидат соопштени по завршување на истражната постапка.

 

ПредходнаСветот остана без никакви ограничувања за нуклеарно оружје на полноќ.
СледнаСе укинуваат функции во ВМРО-ДПМНЕ: Сите потпретседатели на партијата ќе бидат предложени за нови членови на ИК