дома Култура Витезот на седумте кралства или кога Играта на троновите била приказна за...

Витезот на седумте кралства или кога Играта на троновите била приказна за пријателство

 Новата серија на A Knight of the Seven Kingdoms, е сместена во универзумот на Game of Thrones, но неколку децении пред настаните што ги знаеме од оригиналната сага. Наместо интриги на кралски дворови, масакри и големи војни, новиот серијал нуди интимна приказна за чест, растење и пријателство. Базирана врз новелите на George R. R. Martin од циклусот „Tales of Dunk and Egg“, серијата ја следи необичната врска меѓу еден скромен витез и едно дете со тајна која ќе го обликува идниот тек на Вестерос.

Главниот лик, Сер Данкан Високиот претставува сè што не беа елитните витези од „Game of Thrones“. Тој нема славно потекло, нема моќно семејство зад себе, ниту политичка агенда. Неговата сила лежи во простодушноста, физичката импозантност и вроденото чувство за правда. Dunk е човек што учи додека чекори. Понекогаш несмасен, понекогаш премногу наивен, но секогаш чесен. Токму преку неговите очи ја гледаме суровата, но и романтична страна на витештвото, свет во кој титулата не секогаш значи и доблест.

Покрај него е малиот Ег – Aegon „Egg“ Таргариен – дете што на прв поглед изгледа како обичен штитоносец, но всушност е принц од куќата Таргариен. Неговата интелигенција, љубопитност и тивка бунтовност создаваат прекрасна динамика со Dunk. Нивниот однос постепено се развива во нешто повеќе од формална врска меѓу витез и штитоносец; станува пријателство, доверба и заемно обликување. Во Ег се чувствува идниот владетел, но и детето што сака да го разбере светот надвор од палатите.

Токму тука серијата го добива својот емотивен центар. Во неколку сцени, изведбата на младиот актер е толку природна што делува како да не глуми, туку едноставно живее во моментот. Ако би позајмиле мисла од J. R. R. Tolkien, кој често зборувал за чистотата на детската имагинација, тој верувал дека детето во фантазијата не претставува нешто – туку верува во тоа што го живее, а кога верува, и публиката верува со него. Токму таа искреност се чувствува кај Ег, чиј поглед понекогаш носи повеќе тежина од цели армии.

За разлика од епскиот раскош и мрачниот политички реализам на „Game of Thrones“, оваа серија е би рекле поприземна. Турнирите, селските патишта и малите градови на Вестерос се прикажани со повеќе реализам и помалку спектакл. Нема змејови и големи битки, а фокусот е ставен на карактерот и на изборите што ги прават ликовите. Честа, одговорноста и личниот интегритет стануваат поважни од самата моќ.

Сенката на куќата Таргариен сепак е присутна. Серијата суптилно ја гради историјата што подоцна ќе експлодира во поголеми конфликти.

„A Knight of the Seven Kingdoms“ е можеби најчовечката приказна досега раскажана во овој универзум. Наместо политика – пријателство. Наместо цинизам – надеж. Ако „Game of Thrones“ беше хроника на моќта, тогаш оваа серија е хроника на честа.

……………….

„Освртот е посветен на Слободан Трентов, актер во Театарот во Тетово и еден од наголемите фанови на Games of Thrones серијалите.“ 48chasa.

ПредходнаНајстудено изутринава на Попова Шапка – минус три степени, најтопло во Кавадарци седум степени
СледнаАмериканците на средна возраст доживуваат пад на мобилност што е реткост во ЕВРОПА