дома Македонија Политика Jа тепал и ја натерал да му го препише станот , и...

Jа тепал и ја натерал да му го препише станот , и на крај и да се самоубие

Десет дена по трагедијата во Карпош во која животот го загубија Ивана Јовановска и нејзината малолетна ќерка, Обвинителството поднесе обвинение против нејзиниот сопруг за три кривични дела: телесна повреда како продолжено дело на семејно насилство, загрозување на сигурноста и наведување на самоубиство и помагање во самоубиство. Со тоа, случајот што ја потресе јавноста добива и јасна правна рамка: според обвинението, трагедијата не била изолиран чин, туку крај на подолг период на насилство, закани и целосна психичка исцрпеност.ж

Според обвинителството, на 2 март обвинетиот на повеќе локации во Скопје физички ја нападнал сопругата, удирајќи ја со шлаканици и тупаници, а во еден момент таа и изгубила свест. Истиот ден, на паркинг зад Основниот кривичен суд, ѝ упатил и сериозни закани по животот и телото, со што кај неа создал чувство на страв, несигурност и загрозеност. Токму овој ден, според обвинението, бил кулминација на долгото малтретирање што ја довело во состојба на безизлезност.

Еден од најтешките детали во предметот е тврдењето дека уште во ноември 2022 година Ивана Јовановска му го отстапила својот идеален дел од станот со договор за дар, со услов таа и детето да продолжат да живеат таму. Но, по стекнувањето на сопственоста, според обвинението, почнало психичкото и физичкото малтретирање, а во текот на 2025 година тоа прераснало во сурово и нечовечко постапување. Обвинителството наведува дека таа била во фактичка и егзистенцијална зависност и подреденост, што дополнително ја прави сликата за односот во домот уште потешка.

Во обвинението се наведува и дека насилството не се случувало само зад затворени врати. Осомничениот, според наводите, ја тепал и омаловажувал и дома, и на јавни места, и пред сведоци, а ѝ се заканувал дека ќе ја избрка од домот и ќе ѝ го одземе детето. На критичниот ден таа побарала сама да се качи во станот со ќерката за да се спакува и да замине, но тој инсистирал да оди со неа и продолжил со заканите. Сведок го оттурнал и го извел пред зградата, но според обвинителството дотогаш таа веќе била доведена во тешка психичка состојба, страв, безнадежност и чувство на целосна безизлезност.

Овој предмет отвора и друго прашање што не смее да се затвори само со обвинение: дали институциите реагирале навреме. Уште на 3 март Обвинителството соопшти дека побарало детално известување од МВР и од Центарот за социјални работи за сите евентуални претходни пријави и поплаки од оштетената, а беше најавена и проверка на постапувањето на полицијата по тие пријави. Ако државата имала сигнали, а не ги пресекла навреме, тогаш овој случај не е само семејна трагедија, туку и можен пораз на системот што требало да заштити.

Јавниот обвинител побарал и продолжување на притворот за обвинетиот поради опасност од бегство и можност да продолжи со насилнички кривични дела. Но и покрај тој чекор, најтешкиот дел од оваа приказна останува фактот дека правдата доаѓа по смртта на мајка и дете. Затоа случајот во Карпош веќе не е само хроника, туку тест дали институциите ќе одат до крај, ќе ги утврдат сите пропусти и ќе покажат дека семејното насилство не смее да се третира како приватна работа, туку како аларм што бара итна реакцијам заклучува Рацин.мк.

ПредходнаДолго изгубениот град на Александар Велики пронајден по речиси два милениума
СледнаАхмети со нон-пејпер ги алармира амбасадите: Уставниот суд стана параполитичка институција!