Семејното насилство и фемицидот денеска се најдоа во фокусот на народниот правобранител кој на прес-конференција побара континуирано следење на семејствата каде има семејно насилство, а полицијата да постапува во тие случаи.
Оваа институција во текот на 2025 година констатирала пропусти во институционалната реакција која, според народниот правобранител Фатон Сељами, најчесто не била навремена.
– Заради тоа потребно е да се обезбеди превенција и координирано системско следење на семејствата со ризично однесување, како и воспоставување на механизми кои овозможуваат рана интервенција и заштита на децата и другите членови на семејството, дури и кога жртвата формално не поднесува пријава, рече Сељами.
Заштитата на жртвата, вели Сељами, е најслаба алка во справувањето со семејното насилство. Потребно е таа да е сигурна дека државата ќе и обезбеди безбедност наместо да се врати кај насилникот.
Сељами бара да се обучат кадрите кои работат на оваа проблематика во центрите за социјални работи и во Министерството за внатрешни работи.




