Кубанската заменик-министерка за надворешни работи, Јозефина Видал, изјави пред парламентот во Хавана дека ризикот од американска воена агресија врз Куба се зголемува.

Видал ги обвини САД дека „измислуваат изговори“ за да ја прикажат Куба како закана за националната безбедност на САД и со тоа да ги оправдаат можните агресивни потези.
„Секој ден опасноста од воена агресија врз Куба расте“, рече Видал, пренесува Ројтерс.
Според неа, администрацијата на американскиот претседател Доналд Трамп ефикасно воведе блокада врз Куба со заканување со санкции врз земјите што снабдуваат гориво на островот, што доведе до недостиг на електрична енергија и продлабочување на економската криза.
Државниот секретар на САД, Марко Рубио, претходно изрази увереност дека дијалогот меѓу двете земји, кој започна во март, ќе донесе „добри резултати“.
Сепак, кубанските власти велат дека нема да дозволат мешање во внатрешните работи и ги обвинуваат САД за недостаток на добра волја.
Видал рече дека комуникацискиот канал меѓу двете влади сè уште постои, но дека напредокот не е значаен, изразувајќи сомнежи за сериозноста на американската администрација.
Во меѓувреме, САД го обвинија поранешниот кубански претседател Раул Кастро за неговата наводна вмешаност во соборувањето на цивилниот патнички авион во 1996 година, според Ројтерс.
Кубанскиот министер за надворешни работи, Бруно Родригез, предупреди дека секоја воена акција би довело до „крвопролевање“ во кое би загинале илјадници Кубанци и Американци.




