„Интерпретација на минатото! Што сме ние, историска академија или Европски парламент? Европската Унија е создадена за да можат народите заедно да ја градат иднината, а не за да издава сертификати за постоење на народи. И секако не е создадена на старите национализми да им дава нова, да не кажам модерна европска сцена, порача словенечката европратеничка.

Македонците не треба да ја плаќаат цената за политичките фрустрации на другите, изјави вчера европратеничка од Словенија, Ирена Јовева, во Европарламентот за време на расправата за Извештајот за Македонија за напредокот за членство во Европската Унија, пренесува МКД.Мк.
Овој извештај мора да биде извештај за реформите и европската иднина на македонската држава, рече Јовева која не го поддржа вклучувањето на прашањата за идентитетот, јазикот и историските толкувања во Извештајот за Македонија.
Таа нагласни дека Извештајот треба да „остане фокусиран на реформите, владеењето на правото и европскиот напредок на земјата“.
„Оваа земја не е одговорна за опсесијата на некои со нејзиниот јазик или идентитет. Македонците не треба да ја плаќаат цената за политичките фрустрации на другите. Искрено се прашувам: ако овие ‘други’ секој пат продолжуваат да зборуваат повеќе за Македонците отколку за содржината на европскиот напредок на земјава – кој навистина има проблем тука? Очигледно не Македонците. Туку оние што не можат ниту да напишат амандман без Македонци, а потоа ја вложуваат целата своја енергија во некакви објаснувања за тоа кој е кој“, рече Јовева пред европратениците.



