Легендарниот пејач Род Стјуарт (81) морал да го прекине концертот во Јута минатиот петок откако му се слошило и речиси се срушил на сцената.

Стјуарт примил кислород зад сцената, а потоа се вратил пред публиката и го продолжил настапот седејќи на стол. Инцидентот е најнов во низата здравствени проблеми поради кои Стјуарт неодамна откажа неколку концерти.
ТМЗ објави и видео на кое се гледа како пејачот се наведнува на сцената пред персоналот да му донесе кислород. Музичарот подоцна ѝ се обратил на публиката и рекол дека речиси ја изгубил свеста, но притоа се пошегувал и на своја сметка.
Порано овој месец, Стјуарт објави дека одложува неколку од свои настапи во Лас Вегас бидејќи неговиот лекар „му наредил дополнителен одмор“ додека се опоравувал од грип. Помалку од една недела подоцна, Стјуарт откажа четири и одложи уште два настапи во Невада и во Калифорнија, како дел од неговата турнеја „One Last Time“.
„Многу ми е жал, пријатели. Скршен сум и искрено им се извинувам на моите обожаватели поради сите непријатности. Ќе се вратам на сцената и ќе се видиме наскоро – Сер Род“, напишал тој тогаш на Инстаграм.
Музичарот, исто така, привлече критики минатиот викенд откако, и покрај откажувањето на концертот во Калифорнија поради здравствени причини, беше виден само неколку часа подоцна на натпревар од Светското првенство во фудбал каде што Шкотска играше во Бостон.
Неговиот тим објави соопштение на Инстаграм, во кое се наведува дека „по советот на лекар и по дијагнозата на акутна инфекција на горните дишни патишта што довела до ларингитис, тој не е во можност да настапи вечерва“, иако веќе пристигнал на местото на концертот.
Стјуарт подоцна се огласи и рече дека се чувствува подобро по терапијата, но дека гласот сè уште не му е како што треба, извинувајќи им се на обожавателите и тврдејќи дека направил сè за концертот, сепак, да се одржи.




