дома Магазин Почина Марјан Јованов – Мане, поранешен претседател на Одбојкарската федерација на Македонија

Почина Марјан Јованов – Мане, поранешен претседател на Одбојкарската федерација на Македонија

Според информациите од полицијата, случајот бил пријавен вчера во 18:15 часот, кога во базен во дворот од куќата било пронајдено безживотното тело на Јованов.„На 28.06.2026 во 18:15 часот во СВР Скопје е пријавено дека на подрачјето на Карпош, во базен во двор од куќа, бил пронајден починат М.Ј.(58) од Скопје. Од страна на лекар од Итна медицинска помош констатирана била смрт без видливи траги на насилство. Извршен е увид, а по насоки од јавен обвинител телото на починатиот е предадено во Судска медицина за обдукција“, соопштија од МВР.

Марјан Јованов беше еден од најпознатите македонски бизнисмени и долгогодишен дистрибутер на брендот „Левис“ во Македонија. Во јавноста беше познат и по тоа што беше обвинет во предметот „Шпански скали“, но во судската постапка доби ослободителна пресуда.

Марјан Јованов беше претседател на Одбојкарската федерација на Македонија во периодот од 2007 до 2009 година. Во неговиот мандат беа поставени темелите врз кои подоцна се изградија најголемите успеси на машката сениорска репрезентација на Македонија на меѓународната сцена. Токму во тој период започна создавањето на репрезентација која го направи првиот голем исчекор, со бараж-натпреварот против Чешка за пласман на Европското првенство во 2009 година.

Поради професионалните обврски, по две години на чело на Федерацијата се повлече од функцијата, но зад себе остави јасна визија, стабилна организација и тим на луѓе кои продолжија посветено да работат за развојот на македонската одбојка. Неговиот придонес останува вграден во успесите што македонската репрезентативна одбојка ги достигна во годините што следуваа.

Како искрен спортски вљубеник и долгогодишен спортски работник, Марјан Јованов и по завршувањето на својот мандат остана близок до одбојката, секогаш подготвен да даде поддршка, совет и искрена помош.

Одбојкарската федерација на Македонија изразува искрено сочувство до неговото семејство, роднините, пријателите и сите што имаа чест да го познаваат

Нека му е вечна слава и благодарност за сè што направи за македонската одбојка.

Погребот ќе се одржи на 30 јуни 2026 година (вторник), со почеток во 11:00 часот, на градските гробишта „Бутел“ во Скопје.

ПредходнаГерманија овозможува дигитализирано, забрзано влегување во авионот
СледнаДевет еколошки организации бараат трајно поништување на концесиите за проектот Иловица-Штука