Собранието денеска во рамки на 109. седница ги донесе одлуката за измена на Одлуката за одобрување на продолжување на рокот за постоење на кризна состојба на дел од територијата на државата, Законот за игрите на среќа и за забавните игри, а Христина Софронијоска беше избрана за нова заменичка на генералната секретарка на законодавниот дом. 
Новото законско решение за игрите на среќа и за забавните игри беше донесено со поддршка од 60 пратеници кои гласаа „за“, додека 20 беа „против“.
Обраќајќи се пред пратениците, заменик-министерот за финансии Николче Јанкуловски истакна дека подесените амандмани за законот биле внимателно разгледани од страна на Министерството за финансии и детално образложи што точно предвидуваат новите законски одредби.
„Прво, дислокацијата на овие објекти за игри на среќа и забавни игри од основните и од средните училишта. Она што сметаме во моментов дека е применливо и коешто ќе даде резултати за нивна дислокација од училиштата е оддалеченоста од 500 метри, најбезбеден пат на објектот од основното или средното училиште. Понатаму, значително се ограничува рекламирањето. Светлечките реклами нема да ги има. Ќе бидат тргнати и младите нема да бидат изложени на тој, би рекол, агресивен маркетинг којшто постојано сме сведоци сите, ни се случува пред очи“, рече заменик-министерот за финансии.
Тој додаде дека во иднина рекламите ќе бидат строго димензионирани и нема да смеат да содржат пораки кои ветуваат лесен успех.
„Единствено ќе биде дозволено во димензии, големина на реклама од 100 сантиметри на 30 сантиметри, којашто ќе биде истакната на самиот објект и каде што ќе биде само истакнат називот на тоа трговско друштво без никаква парола или некое мото коешто ќе предизвика како некој резултат за извесен финансиски успех или некој пат до личен успех доколку се влезе во тој објект“, објасни Јанкуловски.
Како клучна новина во контролата на оваа индустрија, заменик-министерот го посочи воведувањето на современи дигитални алатки за следење на прометот.
„Понатаму, исто се воведува задолжителното GPS поврзување, односно информации коишто ќе ги добива Управата за јавни приходи од самите VLT машини, апарати и така натаму, казината, и ќе има информација за тоа што се случува подетално во оваа индустрија. Исто така ќе се знае многу полесно со дигитализацијата кои се лиценцирани, а кои не се лиценцирани објекти“, рече Јанкуловски, нагласувајќи дека со ова се врши и усогласување со Комитетот при Советот на Европа за спречување на тероризам и перење пари Moneyval.
Јанкуловски исто така порача дека доколку во имплементацијата на законот се покажат аномалии, државата веднаш ќе пристапи кон негови нови измени.
Од опозицијата излегоа со став дека понудените решенија не се доволно рестриктивни. Амар Мециновиќ од Левица кажа дека тие нема да гласаат за законот бидејќи нивните амандамни не биле прифатени, појаснувајќи дека побарале рестрикции за рекламирање на коцкарници вклучувајќи ги и социјалните мрежи, како и ограничување на промовирање на коцкање.
За законот, кој се носеше во редовна постапка, дебатираа и други пратеници кои сметаат дека предложеното законско решение треба дополнително да се подобри.
Претходно пратениците ја утврдија потребата за носење на Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за испитување и жигосување, односно обележување на огненото оружје и муницијата, како и Предлог на закон за јавни претпријатија и трговски друштва во сопственост или со учество на државата. Двата закони се носат по скратена постапка и се дел од пакетот поврзан со Реформската агенда.




