Руските власти денеска го обвинија основачот на Телеграм, Павел Дуров, за помагање на тероризмот и распишаа меѓународна потерница по него.

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека раководството на Телеграм не успеало да ги отстрани каналите и содржините, кои, според Москва, „активно ги користат украинските специјални служби за планирање терористички напади и масовни убиства во Русија“.
ФСБ додаде дека злосторствата резултирале со бројни жртви, вклучувајќи жени и деца, а штетата се проценува на неколку милиони долари. Безбедносната служба тврди дека украинските разузнавачки агенти се претставувале како млади жени на услугата за запознавање на Телеграм, „Даивинчик“ за да регрутираат Руси за терористички активности. Доколку биде прогласен за виновен, Дуров се соочува со најмалку осум, а најмногу доживотен затвор.
Павел Дуров е роден на 10 октомври 1984 година во тогашен Ленинград, сегашен Санкт Петербург, во академско семејство. Неговиот татко е професор по класична филологија, а неговата мајка предавала историја. Дел од детството го минал во италијанскиот град Торино, каде што работел неговиот татко.
Во 2006 година, дипломирал англиска филологија и превод на Државниот универзитет во Санкт Петербург. Додека бил студент, основал онлајн форум од кој се развила социјалната мрежа ВКонтакте, лансирана во 2006 година како руски еквивалент на Фејсбук.
Односите на Дуров со руските власти се влошија за време на неговото раководење со ВКонтакте. Според медиумските извештаи, безбедносните служби побарале пристап до податоците на корисниците и отстранување на одредени групи, на што Дуров јавно се спротивставил.
Во биографијата на Дуров, се цитираат неговите зборови по приватна средба со рускиот претседател Владимир Путин, кој ја критикувал содржината на платформата, дека разговрот го потврдила неговото чувство дека „полека исчезнуваат“ причините за останување во Русија.
Во 2014 година Дуров ги продава преостанатите свои акции во ВКонтакте, поднесе оставка од функцијата директор и ја напуштил Русија. Тогаш го објави есејот „Седум причини да не се вратиш“, во кој ги наведува „недостигот на независни судови и големиот број контрадикторни закони“ како клучни причини за заминувањето од Русија.
По напуштањето на ВКонтакте, Дуров се посветува на развојот на Телеграм, апликација што ја лансираше една година претходно. Таа беше промовирана во август 2013 година како бесплатна услуга за пораки со посебен фокус на приватноста. Апликацијата брзо се прошири и стана една од најпопуларните во светот.
Во април 2018 година, московски Суд нареди блокирање на Телеграм во Русија, бидејќи компанијата не сакаше на безбедносните служби да им ги предаде клучевите за криптирање. Властите ја укинаа таа мерка во 2020 година. Во 2017 година, Дуров се пресели во Дубаи, наведувајќи ги како причини за тоа поволната деловна клима и отсуството на данок на доход. Тој го смести седиштето на Телеграм во Дубаи Медија Сити.




