дома Култура Грчка вечер на „Охридско лето“ со уметниците Теодосија Нтоку на пијано и...

Грчка вечер на „Охридско лето“ со уметниците Теодосија Нтоку на пијано и виолончелистот Масимо Полидори

  Пијанистката Теодосија Нтоку и виолончелист Масимо Полидори вечерва ќе настапат на традиционалната Грчка вечер на фестивалот „Охридско лето“, организирана со поддршка на Амбасадата на Грција во Северна Македонија.

Грчка вечер на „Охридско лето“ со уметниците Теодосија Нтоку на пијано и виолончелистот Масимо ПолидориТеодосија Нтоку е пијанистка со значајно присуство на меѓународната музичка сцена, а списанието „Би-Би-Си мјузик“ ја опишува како изведувач со драматични квалитети, емотивна суптилност и возбудлива интерпретација.

Нтоку е основач и уметнички директор на концертната серија „Кинески концерти“, фестивал посветен на културната размена преку промовирање на класичната музика. Активна е и како камерен музичар, а меѓу нејзините соработници се истакнуваат Марта Аргерич, Максим Венгеров, Стивен Исерлис, Гил Шахам, Миша Мајски и Даниел Хоуп.

Масимо Полидори е меѓународно признат виолончелист и водач на групата виолончела во оркестарот на „Ла Скала“ во Милано. На оваа позиција доаѓа на 30-годишна возраст, откако тогашниот уметнички директор на оркестарот, Рикардо Мути, ги препознава неговите уметнички квалитети.

Полидори е основач и на триото „Јоханес“ и на Гудачкиот квартет на „Ла Скала“, во кој соработува со концерт-мајсторот и истакнат виолинист Франческо Манара. Со овие ансамбли постигнува значајни успеси на меѓународната сцена и настапува, меѓу другото, во „Карнеги Хол“. Добитник е на наградата „Осака“, наградата „Премио Трио“ во Трст и наградата на Асоцијацијата на музичките критичари на Аргентина.

Пред да ја преземе позицијата водач на виолончела во „Ла Скала“, Полидори пет години бил прв виолончелист на „Камерата Берн“, со кој настапувал низ целиот свет и реализирал повеќе албумски изданија за „Филипс“, „Дека“, „Берлин Класикс“ и ЕЦМ, со уметници меѓу кои Хајнц Холигер, Андраш Шиф и Раду Лупу.

Покрај оркестарските ангажмани, Полидори има и активна солистичка кариера, настапувајќи со Симфонискиот оркестар во Питсбург, оркестарот „Керубини“, Филхармонискиот оркестар на „Ла Скала“, Оркестарот во Падова и други реномирани ансамбли.

Концертот ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во стандардниот фестивалски термин од 21 часот. На Грчката вечер на „Охридско лето“ ќе бидат изведени дела од Сергеј Рахманинов, Антонин Дворжак, П. И. Чајковски, Астор Пјацола, Габриел Форе и Едвард Елгар.

Предходна23 пожари и интервенции, а сеуште гори кај Македонски Брод
СледнаНајмалку седум загинати при напад во училиште во Тајланд (ВИДЕО)