Облак од вулканска пепел од вулканот Етна на Сицилија се прошири над Малта, принудувајќи ги авиокомпаниите да ги откажат летовите до медитеранскиот остров во екот на туристичката сезона, објави Ројтерс.

„Моментално има прекини во летовите поради облаци од вулканска пепел над малтешките острови по неодамнешната активност на Етна“, соопшти Меѓународниот аеродром Малта на Фејсбук.
До попладнето беа откажани 19 летови, а неколку други беа значително одложени, изјави портпаролот на аеродромот.
Аеродромот Катанија, петтиот најпрометен во Италија, соопшти дека ја продолжил суспензијата на сите летови што пристигнуваат и заминуваат до 11:00 часот по локално време во среда .
На патниците што летаат од Катанија и Малта им е препорачано да ја проверат моменталната состојба на нивното патување пред да се упатат кон кој било од аеродромите .




