
Јули 2026 беше најсмртоносниот месец за цивилите во Украина во нешто повеќе од четири години, се наведува во најновиот извештај на Независната меѓународна истражна комисија на ОН за Украина.
Според Комисијата, минатиот месец загинале најмалку 437 украински цивили, што е за една третина повеќе отколку во јуни и за 70 проценти повеќе отколку во јули 2025 година. Претходниот месец бил повредени и најмалку 2.610 цивили.
Поголем број цивилни жртви месечно имаше само во првите неколку месеци од руската агресија врз Укранина, што започна во февруари 2022 година.
Во текот на минатиот месец Русија лансираше рекорден број балистички ракети и дронови кон Украина искористувајќи го недостигот на системи за протввоздушна одбрана на земјата за напади врз населени места.
Според податоците на ОН, повеќе од 16.000 украински граѓани притворени од руските сили за време на агресијата, сè уште се наоѓаат во притвор.
Заменичката генерална секретарка на ОН за човекови права Клаудија Фуентес Хулио изјави дека продолжува „широко распространетата и систематска тортура и малтретирање“ на украинските цивилни и воени затвореници.
Истражувањето на ОН покажува дека повеќе од 95 проценти од украинските воени заробеници и 85 проценти од цивилните затвореници биле мачени или малтретирани. Тие, исто така, пријавиле и сексуално насилство и нехумани услови на притвор.
Од почетокот на војната, ОН, исто така, документирала и егзекуција на 129 украински воени заробеници. Покрај тоа, се тврди и дека 48 затвореници починале како резултат на тортура, одбивање на медицинска нега или други нехумани услови.
Русија ги негира ваквите податоци. Руската заменичка амбасадорка во ОН, Марија Заболотскаја, изјави дека станува збор за „дезинформациска кампања против Русија“, финансирана од земјите на НАТО.




