Во Младинскиот културен центар денеска во 11 часот ќе се одржи прес-конференција по повод 51. издание на Меѓународниот театарски фестивал МОТ – Млад отворен театар.
На средбата со медиумите ќе бидат претставени програмата, концептот и најважните содржини на годинешното издание на фестивалот, како и претстојните фестивалски активности.
Од Младинскиот културен центар најавуваат дека заеднички ќе биде претставено новото издание на фестивалот и ќе бидат споделени театарските приказни, уметничките визии и содржините што ќе ја одбележат оваа година.
Под мотото на раѓањето како чин на создавање, трансформација и отворање нови простори, годинава ќе се одржи 51. издание на МОТ.
Годинешното издание, како што се наведува во најавата на Фејсбук, е посветено на женските авторски гласови, кои преку различни погледи, светови и уметнички изрази се соочуваат со човекот, телото, општеството и времето во кое живееме.
Во фестивалскиот концепт раѓањето е претставено како граничен чин меѓу она што завршува и она што допрва започнува – момент во кој темнината претходи на првиот здив, болката на првиот глас, а неизвесноста преминува во создавање нов живот.
„Некои нешта мора да завршат за да направат простор за нови. Некои врати се затвораат, други се отвораат. А театарот е совршен простор каде можеме повторно да го преобмислиме и светот и сопственото раѓање“, се наведува во најавата за фестивалот.
Од МОТ посочуваат дека не може однапред да се знае што ќе се изнедри од оваа уметничка средба, но театарот останува просторот во кој публиката и авторите заедно ќе бидат сведоци на новото создавање.

