СДСМ бара итен вонреден надзор на сите водоснабдителни станици во државата и јавно да се објават сите резултати бидејќи според информации добиени од свиркачи и водата во Болницата за белодробни заболувања во Лешок не е за пиење.
– Датум на завршување на испитувањето 13 мај. Земена вода, вкупен број колиформни бактерии во 100 милилитри вода – 51. Примерок од чешма, од болницата во Лешок, каде што се лекувале луѓе на крајот на мај, а никој не реагирал. Се работи за официјални документи од Центарот за јавно здравје од Тетово, соопшти Филипче на прес-конференција во седиштето на партијата.
Обвини дека здравствениот систем е доведен до колапс, а власта предводена од Христијан Мицкоски не ја исполнува основната функција на државата, да го заштити здравјето на граѓаните.
– Основната функција на здравствениот систем, а тоа е да го штити здравјето на граѓаните, очигледно дека како функција е нарушена. Пациенти со месеци чекаат да стигнат до хируршка интервенција, поради тоа што нема капацитет, ниту од аспект на кадар, ниту од инфраструктурен капацитет. Огромен број од операционите сали во повеќе клучни јавно-здравствени институции не функционираат веќе подолго време. Несоодветен кадар ги раководи највисоките јавно-здравствени установи. Десетина од универзитетските клиники кои едуцираат специјализанти и студенти не се водени од наставно-научен кадар, односно се водени од лекари кои не се наставници, рече Филипче.
Ова што се случи во Гостивар, според Филипче, не е само еден изолиран случај, тукустанува збор за системски знаци на неефикасност и нефункционирање.




