дома Свет Иран го демантира Трамп: Преговараме со Оман, а не со САД

Иран го демантира Трамп: Преговараме со Оман, а не со САД

Иран објави дека преговара со Оман за воспоставување привремена рута за возобнова на комерцијалниот поморски сообраќај низ Ормуцкиот Теснец.

Ова соопштение на Техеран следи откако американскиот претседател Доналд Трамп објави дека денеска ќе започнат новите преговори за завршување на конфликтот и дека затоа ги откажал планираните напади врз Иран.

Трамп во најавата не прецизираше кој ќе учествува во разговорите, но Техеран сега тврди дека не преговара со САД и нема намера да го стори тоа.

Демантот на Иран предизика реакција на Трамп кој во објава на социјалните мрежи го обвини иранското раководството деке е „неверојатно дволично“.

„Тие бараат состанок, некои дури би рекле дека молат за тоа. Разговорите почнуваат, веќе се закажани и нови, а потоа отворено и гордо тврдат дека не водат никакви преговори, дека ништо не се дискутира и дека работат само со Оман“, наведе Трамп.

Во текот на изминатиот викенд, Трамп соопшти дека е постигната „рамка“ на договор што би вклучувала повторно отворање на Ормуцкиот Теснец, клучен воден пат што Иран постојано го затвора откако САД и Израел започнаа напади во февруари. Затворањето на теснецот предизвика вртоглаво зголемување на цените на нафтата.

Трамп од своја страна порача дека САД го контролираат Теснецот и дека на ниту еден брод нема да му биде дозволено да помине во Иран „додека нема договор или целосно предавање“. Тој вчера рече дека Иран „дознал за обемот“ на планираните американски напади, „бидејќи ги виделе подготовките“. „Ќе разговораме со нив. Започнуваме утре попладне“, рече Трамп.

Американскиот претседател одби да постави рок за постигнување договор со Техеран.

„Ќе видиме како ќе се развиваат работите. Подготвени сме да дејствуваме кога и да одлучиме… Не сакам да убивам луѓе“, додаде Трамп.

Тој истакна и рече дека саудискиот престолонаследник Мохамед бин Салман и „партнери, како Обединетите Арапски Емирати и Катар“ го убедиле да го откаже нападот врз Иран во текот на викендот.

„Сè беше подготвено. Тие го бараа тоа бидејќи мислеа дека има договор. Имаше договор за Ормуц, а ќе имаше и договор за нуклеарното прашање“, рече Трамп.

Откажувањето на нападот резултираше со поевтинивање на нафтата

По објавата на Трамп, дојде до пад на глобалните цени на нафтата берзите. Цената на суровата нафта Брент падна за 4,5 проценти на 83,98 долари, додека американската лесна нафта се намали за 4,6 проценти на 80,74 долари.

Преговорите за ставање крај на конфликтот пропаднаа минатиот месец, со што заврши примирјето договорено во април. Трамп постојано повторуваше дека крајот на војната е близу, но секој пат меѓусебните напади продолжуваа.

На 7 април, американскиот претседател предупреди дека „цела цивилизација ќе исчезне вечерва“ ако Иран одбие да учествува во мировните преговори. Таа закана доведе до директни разговори во Пакистан, предводени од потпретседателот Џ.Д. Венс, но не беше постигнат договор.

Администрацијата на Трамп во голема мера ги игнорираше податоците што покажуваат дека војната и нејзините економски последици се длабоко непопуларни меѓу Американците, вклучително и многу републиканци. Анкетите што покажуваат општо незадоволство од начинот на кој се води војната ги загрижија некои конзервативни стратези пред претстојните избори за Конгресот на САД во ноември.

ПредходнаТопиот бран и сушата предивикуваат проблеми во производството на струја
СледнаКавадарци вечерва се справува со неколку пожари