СДСМ е подготвен за избори кога и да бидат распишани, со тим, програма и нов Мастер план за Македонија, но нема да биде алиби на Христијан Мицкоски за одржување избори, изјави денеска лидерот на СДСМ, Венко Филипче.
„Не, нема да бидеме алиби. Избори ќе има кога ќе им снема пари за коруптивни тендери. Тоа нив ги интересира, ништо друго“, рече Филипче во одогор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во СДСМ.
Филипче потенцираше дека партијата е подготвена и дека секојдневно се подготвува за следните избори, без разлика кога тие ќе се одржат.
„Ние сме секако спремни, се спремаме секојдневно. Ако ме прашувате дали сме спремни, спремни сме со тим, спремни сме со добра програма“, истакна Филипче.
Тој најави дека во текот на следниот месец СДСМ ќе го презентира и својот Мастер план за Македонија, со конкретни чекори, ветувања и механизми преку кои граѓаните ќе можат да ја контролираат нивната реализација.
„Спремни сме со нешто што ќе го презентираме во текот на следниот месец, а се вика Мастер план за Македонија. Мастер план во неколку чекори, пет или шест, во кои што, ако граѓаните ни ја дадат довербата на следните избори, кога и да бидат, да знаат кои се нашите ветувања, кои се контролните механизми, тие ветувања за доброто на граѓаните и на државата да ги имплементираме. Ете, тоа ќе биде нашиот план“, рече Филипче.
Тој најави и дека СДСМ во Собранието повторно ќе го поднесе предлог-законот за 600 евра минимална плата.
„Граѓаните не можат да се прелажат, тие бројките кои што примерот ги кажува очигледно од светот во кој што само тој и неговата мала група на луѓе околу него живеат, граѓаните не ги чувствуваат, тие ги гледаат празните паричници и празните фрижидери. Ако е така како што кажува, дека сме трета, четврта економија во светот, ако добро и успешно се справуваат со инфлацијата, ако добро ги менеџираат финансите, еве прва мерка, повторно, на почетокот на септември, откако ќе почне со работа Собранието, ќе го дадеме законот во Собранието и минималната плата ќе побараме да биде 600 евро“, рече Филипче.
Тој нагласи дека со минимална плата од 600 евра ќе им се овозможи на работниците да ги покријат основните трошоци, особено во период кога почнува учебната година и растат семејните расходи. Филипче посочи дека паралелно мора да се зголемат и платите во повеќе сектори, по примерот на мерките што, кои Владата на СДСМ ги реализираше во првите две години од својот мандат.
Филипче побара и властите веднаш да ги објават резултатите од анализите за водата во Гостивар и јавно да покаже дали таа конечно е безбедна за пиење
„Зошто не го покажат резултатот од Гостивар? Зошто не се покаже во јавноста? Исправна ли е водата за пиење, конечно? Како може да им се верува само на изјавите, на најавите на премиерот, на министерот за здравство“, рече Филипче.
Тој потсети дека граѓаните претходно биле уверувани дека водата е исправна, а само неколку дена подоцна болницата во Гостивар била преполна со пациенти.

