Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби денеска треба да седне на обвинителна клупа. Во Кривичниот суд треба да почне судскиот процес против него и уште неколкумина осомничени за злоупотреби во „Државна лотарија“.
Судењето е закажано во 10 часот, а судскиот процес ќе го води судијката Билјана Шуплиновска-Јовевски.
Засега, недостапен за органите на прогонот е првообвинетиот во случајот, поранешниот директор на Државна лотарија Прпарим Бајрами, кој е во бегство и за кого е распишана меѓународна потерница.
Она по што е специфичен овој случај е тоа што првично Груби беше обвинет за проневера во службата за што е предвидена казна затвор од најмалку 4, а максимум 20 години, но потоа беше сменето обвинението во кривично дело – злоупотреба на службената положба и областување за што е предвидена максимална казна затвор од пет години.
Преквалификацијата, од Основното јавно обвинителство, ја објаснија со доказите до кои што дошле во текот на истрагата, односно дека истрагата довела до докази за друго дело кои се разликувале од првичните сознанија.
„Јавниот обвинител не е обврзан со правната квалификација на поведената истрага или поднесената пријава. Обвинението се темели на доказите прибрани во текот на истрагата“, информираа тогаш од ОЈО Скопје.
Груби избега од земјава по што беше распишана меѓународна потерница. Сепак, на 23 февруари сам се појави на граничниот премин Блаце по што беше спроведен во затворот во Шуто Оризари за да ја издржува мерката притвор што му беше изречена. Но, во Шутка остана само неколку часа бидејќи мерката притвор му беше заменета до куќен притвор со образложение дека Министерството за внатрешни работи (МВР) и Агенцијата за национална безбедност (АНБ) процениле оти во притворското одделение на затворот „Скопје“ не може да се гарантира неговата безбедност.

