Гасоводот кон Србија треба да биде готов до 2028, ќе го гради кумановската „Рапид билд“
Сподели
Сподели
Кумановската компанија „Рапид билд“ ќе го гради гасоводот кон Србија во должина од 22,4 километри. Почетната точка на интерконекторот ќе биде станицата „Клечовце“, а крајната на границата со Србија.
Интерконекторот ќе чини 29,4 милиони евра, понуда што била избрана за најповолна. Договорот беше потпишан денеска во Владата меѓу директорот на НОМАГАС Недим Рама и директорот на „Рапид Билд“ Тони Каранфиловски.
Гасоводот треба да биде изграден за две ипол години поточно до крајот на 2028 година. Капацитетот на гасоводот треба да биде до 160 илјади кубни метри гас, а планирано е да бидат изградени и пет придружни објекти како главна интерконекторна мерна станица, редукциска станица, блок-станица и две приемно-отпремни чистачки станици.
По спроведената постапка за доделување на договорот, за најповолна е избрана понудата на компанијата „Рапид Билд“, во вредност од 29,4 милиони евра. Станува збор за договор по принципот „клуч на рака“, според моделот FIDIC кој ги опфаќа урбанистичкото планирање, проектирањето, изградбата и обезбедувањето одобрение за употреба, изјави директорот на НОМАГАС.
Според премиерот Христијан Мицкоски, со ова, Македонија добива целосна вертикална енергетска поврзаност.
Ние сме држава којашто не излегува на море и со вакви проекти, кога се поврзуваме со пристаништа, во случајов како што е терминалот Александрополи, кога се поврзувавме со Солунското пристаниште, со продуктоводот и нашата рафинерија „ОКТА“, кога градиме интерконектори во делот на снабдувањето со електрична енергија и поврзување со нашите соседи, на тој начин ја подобруваме и нашата геостратешка положба како држава. Така што, овие проекти имаат огромно регионално, па и би рекол пошироко геостратешко значење, изјави Мицкоски.