Во Основниот суд во Куманово денеска продолжи судењето против 25-годишниот Трајко Бојковски од кумановското село Драгоманце кој е обвинет за четири убистав и два обиди за убиства на жени.
Откако на минатото рочиште, Бојковски само гледаше во таванот не сакајќи да го потврди својот идентитет, денеска на почетокот го повтори истото, но по паузата го потврди својот идентитет.
На денешното рочиште сведочеа двете жени кои успеале да се спасат.
Во исказите на двете жени се потврди она што беше кажано, имаше мали нијанси, но како што и самите можевте да видите се работи за повозрасни жени, мислам дека тоа е и разбирливо. Меѓутоа, во целокупноста на изнесеното обвинение нема некоја суштествена разлика, тоа што го кажаа во обвинителството и тоа што го кажаа денеска, рече обвинителот Љубомир Лапе.
Адвокатот Тони Цветковски, кој на Бојковски му е назначен по службена должност, на следното рочиште побара да бидат сослушани тројца психијатри за да се утврди дали Бојковски треба да се префрли на лекување во психијатриска болница.
Мојата интенција е да се произнесат вештите лица дали судот може да изрече таква мерка за безбедност со која би ја отстранил таа опасност на која укажаат. Обвинетиот сигурно ќе биде осуден врз основа на матерјалните докази, меѓутоа тоа не значи дека нема да се однесува така како што предвидуваат вештите лица, изјави Цветковски.
Обвинителството го товари Бојковски дека делата ги сторил од ниски побуди, а мотивите за убиствата се некрофилија, бидејќи за да ги задоволи своите полови страсти, мртвите жени кои од порано ги познавал, главно сами, немоќни и стари, ги напаѓал удирал и давел, па откако ќе ги усмртел ги силувал.

