Ќе се реконструира Универзитетската клиника за физикална медицина и рехабилитација во Скопје. Средствата во висина од 92,7 милиони денари без вклучен ДДВ се обезбедени преку Министерството за финансии.
Оттаму информираат дека инвестицијата ќе се реализира преку Проектната единица при Министерството за финансии, со грант средства обезбедени од Меѓународната банка за обнова и развој – Светска банка, како и со инвестициски грант од Инвестициската рамка за Западен Балкан (WBIF).
Реконструкцијата ќе опфати осум меѓусебно поврзани објекти, со вкупна грејна површина од 7.247 квадратни метри.
Предвидените градежни активности опфаќаат поставување термичка изолација на фасадите и кровните конструкции, замена на постојната дотраена столарија со нова енергетски ефикасна столарија, санација на делови од објектите и санитарните јазли, како и замена на постојното осветлување со современи енергетски ефикасни LED-системи, велат од Финансии.
Во рамки на реконструкцијата ќе се модернизираат и системите за греење и ладење преку инсталирање високоефикасни топлински пумпи и вентилаторски конвектори.

