Новата учебна година почна со пораки за повеќе знаење, но и за градење позитивна училишна средина и единство меѓу младите, без насилство. Министерството за образование и наука и телекомуникацискиот оператор Т- Мобиле ја промовираа кампањата за свет без омраза испраќајќи пораки учениците да не се исмеваат и да не вршат врсничко насилство, туку меѓусебно да се почитуваат.
Изберете да бидете пријатели со другите деца. Не ги исмевајте и помогнете им. Навредите, погрдните зборови и насилството не значат дека сте јаки. Напротив. Тие се знак на слабост. Ако некој е поинаков од вас, не значи дека треба да му се потсмевате или да го оттурнувате, порача министерката за образование и наука Весна Јаневска на првиот училишен ден.

На родителите им порача да им посветат внимание на своите деца бидејќи тие се најголемите сојузници да се изградат добри генерации.
Кога наставниците и семејството работат заедно на градење на емпатични ученици, тогаш можеме да создадеме училишни средини каде сите се чувствуваат безбедно и прифатено. Родителите ни се најважните сојузници во напорите да изградиме генерации на млади кои имаат доволно знаења и вештини за живот и работа во новото време. Највредното нешто што може да го добијат децата од родителите е нивната љубов и внимание. Кога домот е мирен и исполнет со топлина, децата безгрижно доаѓаат во училиште подготвени да стекнуваат се повеќе знаења. Само така можеме заедно, наставници и родители, да им пренесеме на децата вистински вредности, рече Јаневска.
Сепак, првиот училишен ден го одбележа и веста за повреден 13-годишник во скопски Чаир. Здравствените власти информираа дека неговата здравствена состојба е сериозна бидејќи е повреден со нож во срцето, а Министерството за внатрешни работи приведе петмина кои учествувале во инцидентот.
Министерот за внатрешни работи со порака дека како општество мора сите подлабоко да навлеземе во проблемот и да има поширок институционален одговор.
Мораме како општество малку подлабоко да навлеземе и мора да има поширок институционален одговор – и од страна на надлежните министерства, и од сите општествени чинители, од родителите, социјалните центри, МВР, Министерството за социјална политика, демографија и млади, Министерството за образование, здравствените центри и Министерството за здравство. Навистина ова е еден од најужасните предизвици коишто ги имаме пред нас, изјави министерот Панче Тошковски.

Обвинителството доцна синоќа излезе со информација дека бара притвор заа 19-годишникот кој учествувал во инцидентот и кој според Обвинителството го прободел со нож 13-годишното момче.
Осомничениот и неговиот малолетен брат кој е под законската граница за кривична одговорност преземале дејствија на насилство со кои на едно дете и на едно полнолетно лице им биле нанесени тешки телесни повреди со убоди од нож, а полесно било повредено уште едно дете. Во јавноста и кај присутните лица предизвикувале чувство на несигурност, загрозување, страв и вознемиреност, информираше Обвинителството.
Овој инцидент е само еден во низата инциденти на врсничко насилство што ја потресоа земјата во изминатиот период. Инцидентите кои варираат од физички пресметки во училишните дворови и насилсни видеа кои се споделуваат на социјалните мрежи се до трагични напади со ладно оружје дефинтивно бараат итен и координиран одговор од целото општество.

