Денешната јавна презентација на Нацрт-деталниот урбанистички план Барутана кој е спорен за дел од граѓанските иницијативи и граѓани, помина во тензична атмосфера.
Според граѓанските здруженија и граѓани од Центар, имплементацијата на овој ДУП ќе значи дополнителна бетонизација на Водно и опасност за центарот на градот.
Поранешната претседателка на Антикорупциската комисија и кандидат за градоначалник на Центар на локалните избори од „Шанса за Центар“ Билјана Ивановска ги повика претставниците од Секторот за урбанизам на Општината да потпишат изјава со која ќе ја гарантираат безбедноста на граѓаните со имплементацијата на овој ДУП.
Штом толку пати сте биле и сте свесни и знаете сè, ве молам да потпишете изјава со која гарантирате дека нема во опасност да дојде животот на луѓето. Да видиме дека нема ништо да се случи. Ве молам потпишете сè, рече Ивановска, откако ги праша колку пати биле на местото,а тие и одговорија 20 до 30 пати.
Со Нацрт-деталниот урбанистички план познат како „Барутана“ на падините на Водно се планира изградба на нови објекти на површина од 29.000 метри квадратни.

