Општина Центар објави јавен повик за ангажирање лични асистенти на ученици со посебни образовни потреби, во рамки на проектот „Образование за сите“ што ќе се реализира во општинските основни училишта во оваа учебна година.
Личните асистенти ќе им обезбедуваат поддршка на учениците во текот на образовниот процес, со цел полесно вклучување во наставата и секојдневните училишни активности.
Можат да се пријават лица со минимум завршено средно образование и претходно искуство во работа со деца со посебни образовни потреби. Повикот е насочен и кон долгорочно невработени лица, млади до 29 години, лица постари од 50 години, самохрани родители и родители на деца со попреченост.
Предност ќе имаат кандидатите со високо образование од областа на наставата, психологијата, педагогијата, дефектологијата и социјалната работа, како и лицата кои имаат претходно искуство како лични или образовни асистенти или поседуваат лиценца за личен асистент на лица со попреченост.
Избраните кандидати ќе бидат ангажирани 20 часа неделно во период од осум месеци, почнувајќи од октомври до крајот на учебната 2026/2027 година. За ангажманот е предвиден месечен нето-надоместок од 18.000 денари.
Пријавите со потребната документација се поднесуваат во Архивата на Општина Центар-Скопје, барака 6, од 9:00 до 15:00 часот.
Јавниот повик трае пет работни дена од денот на објавувањето и е достапен на веб-страницата на Општина Центар-Скопје и на огласните табли во општинските основни училишта.

