Наградуваната претстава „Уна“ на Звездара театар од Белград утре и во среда ќе биде изведена на сцената на Македонскиот народен театар.
„Уна“ доаѓа во Скопје како едно од впечатливите регионални театарски остварувања, во режија на Дејан Пројковски, кој е еден од најзначајните македонски режисери, и со Никола Ристановски во главната улога.
Создадена според драмскиот текст на Стеван Копривица, инспириран од култниот роман на Момо Капор, претставата отвора интимен и длабоко емотивен простор во кој се преплетуваат љубовта, сеќавањата, минливоста и изборите кои го определуваат човековиот живот.
Во улогата на професорот Мишел Бабиќ настапува Никола Ристановски, чие маестрално актерско остварување во „Уна“ наиде на исклучителен прием кај публиката и критиката, потврдено со значајни фестивалски признанија. Покрај него, во претставата играат Магдалена Мијатовиќ, Сена Ѓоровиќ и Марко Гверо.
Ристановски е добитник на наградата „Зоранов брк“ за најдобро актерско остварување на фестивалот „Денови на Зоран Радмиловиќ“ во Заечар, како и на признанијата за најдобар актер на Актерските свечености „Миливоје Живановиќ“ во Пожаревац и фестивалот „Театар фест Петар Кочиќ“ во Бања Лука.
Претставата ја освои наградата од публиката на „Денови на Зоран Радмиловиќ“, а на Фестивалот „Театар во еден чин“ во Младеновац ги освои наградите за најдобра претстава и награда од публиката.
Билетите за двете изведби се достапни онлајн преку веб-страницата на МНТ, како и на билетарницата, која работи секој работен ден од 13.00 до 20.00 часот.

