На сцената на НТ„Антон Панов“ – Струмица синоќа е изведена премиерата на претставата „Поручникот од Инишмор“ од Мартин Мекдона, информираа од оваа културна установа.
Станува збор за дело од еден од најзначајните современи ирски драматурзи, во кое низ црн хумор, иронија и апсурд се отвораат теми поврзани со насилството, идеологијата, екстремизмот и човечката потреба за припадност.
Премиерната изведба е посветена на неодамна починатата актерка Тинка Ристеска, како знак на почит кон нејзиниот живот, актерскиот пат и нејзиниот придонес кон театарската уметност.
Режија и идеја за сценографија е на Ивана Ангеловска, превод и асистент на режија, Весна Куслеска, костимографија: Ванчо Василев, а дизајнот на плакатот и рекламниот материјал е на Ване Костуранов.
Улогите ги толкуваат Коста Ангов, Стојан Велков, Михаил Велков, Анкица Бенинова, Ванчо Василев, Игор Тодоров и Васка Ангелова.

