Откако во февруари на граничниот премин Долно Блаце се предаде поранешниот вицепремиер Артан Груби осомничен за злоупотреба на службената положба во случајот Државна лотарија, вчера тоа го стори и поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами, кој е првообвинет во случајот.
По приведувањето, Бајрами е однесен во Затворот Скопје. Обвинителството соопшти дека за Бајрами во тек се уште четири постапки за истото кривично дело во кои се прибираат докази и се вршат вештачења.
И Бајрами и Груби беа во бегство и сами се пријавија на истражните органи откако поминаа извесен период во странство, а за нив беа распишани и меѓународни потерници.
Доаѓањето на Перпарим Бајрами го одложи и најавеното рочиште што треба да се одржи во петок. Кривичниот суд соопшти дека согласно законот, Бајрами има право да изврши увид во обвинението.
Во текот на денов, на обвинетиот ќе му достави примерок од обвинителниот предлог како би можел да се запознае со истиот, а со оглед да Законскиот рок за увид во предлогот и доказите е 8 дена, расправите насрочени за 11 ти и 16 ти септември се отповикуваат а судењето ќе продолжи на 18 ти септември во 12:00 часот, информираше вчера Кривичниот суд.
На минатото рочиште обвинетите се изјаснија за невини, освен првообвинетиот за кого беше донесена одлука да му се суди во отсуство.
Покрај Груби и Бајрами, во случајот Државна лотарија осомничени се и Методија Димевски, Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу. Се товарат за дејствија направени во текот на 2023 и 2024 година, со кои обвинетите ги пречекориле службените овластувања и предизвикале штета на „Државна лотарија“ во износ од 596.125.511 денари.

