Институтот за јавно здравје денеска излезе со информација за состојбата со западнонилската треска каде меѓу другото се наведува дека случај е регистриран и во Свети Николе. Ова според министерот за здравство Сашо Клековски не значи дека епидемијата не е стивната.
Клековски вели дека епидемијата стивнува, а показател за тоа се што во последните две недели има само по два случаи, а на Инфективната клиника хоспитализирани се само шест пациенти.
Сметам дека епидемијата стивнува бидејќи последните две недели имаме по два нови случаи. Дека се смирува ситуацијата говори и фактот дека во моментот на Клиниката за инфективни болести имаме само шест хоспитализирани лица, вели Клековски
Сепак, предупредува дека точни закономерности не постојат за оваа епидемија, додавајќи дека пронајдени се три мртви гаврани со вирусот во општини каде нема регистрирано случаи на западнонилска треска и тоа два во општина Карпош и еден во Ресен.
Од вкупно шесте хоспитализирани на Инфективната клиника, двајца се со потешка клиничка слика.
Тие подолго време се на Клиниката, интубирани се и се на респираторна поддршка. Останатите четворица се во стабилна состојба и се на Одделот на невроинфекции. Двајца се водат како суспектни бидејќи се понови, а кај другите двајца при крај е процесот на опоравување и наскоро ќе бидат отпуштени од болница, вели дирекеторот на Клиниката Фадил Цана.

