Распишан е тендерот за изградба на системот за брз автобуски превоз -БРТ. Рокот за аплицирање е до 2 ноември.
Беше навистина тешко изминатиот период да се надминат сите пречки и предизвици кои што беа поврзани со овој проект, но благодарение на целиот тим на Град Скопје, благодарение на ЕБОР и поддршката што ја добивме од Владата конечно е распишана тендерската постапка, изјави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, кој веста ја сподели во видео обраќање на Фејсбук.
Ѓорѓиевски ги повикува сите заинтересирани компании од земјава и странство да аплицираат.
Конечно една од трите важни работи за Скопјани поврзани со градскиот транспорт доаѓа до својот фотофиниш, а тоа е БРТ. Иако многумина не веруваа дека ќе започнеме, сепак доаѓаме до крајот на подготовките за изградба, изјави Ѓорѓиевски.
Со БРТ, новите автобуси и градскиот воз, Ѓорѓиевски очекува Скопје да добие три сериозни алтернативи за оние граѓани кои сакаат да го остават автомобилот.
Една од главните предности на БРТ, според Ѓорѓиевски, ќе биде фреквенцијата на автобусите односно времето на чекање би било под шест минути.
Проектот БРТ го почна поранешниот градоначалник Петре Шилегов, а по доаѓањето на неогвата наследничка Данела Арсовска проектот првично беше стопиран, а потоа и блокиран со неизгласување во Советот на општината.

