Македонската Влада мора да го исполни своето ветување и да го промени Уставот за да може земјата да продолжи со процесот на интеграција во ЕУ, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за бугарскиот јавен сервис БНТ.
Кос вели дека би била многу посреќна ако може сегашниот моментум на проширувањето да се искористи и за земјава, како и дека има доверба во новата бугарска Влада, со која, како што нагласи, соработува многу добро.
„Сите заедно ќе најдеме начин да го придвижиме процесот со Северна Македонија. Секако, владата на Северна Македонија мора да го одржи своето ветување. Тие мора да го променат својот Устав, ова е договорено меѓу Северна Македонија и 27-те земји-членки на ЕУ. Откако ќе се направи ова, ќе сметам на поддршката и од вашата земја, за да продолжиме напред и со Северна Македонија“, вели Марта Кос.
Земјава ја одржа Првата меѓувладина пристапна конференција во јули 2022 година со усвојување на Преговорната рамка. По ова беше спроведен скрининг процесот, но за старт на преговорите по кластери, земјава треба да изврши уставни измени за вклучување на Бугарите во Уставот.
Македонската Влада пред извршување на уставните измени инсистира на добивање гаранции дека ова е последното билатерално барање во пристапните преговори.

Кос порачува и дека оваа есен ќе биде „есен на проширување“ во две насоки, потсетувајќи дека и претседателката на Европската комисија во својот вчерашен говор за „Состојбата на Униајта“, најави дека се подготвуваат патокази за земјите кандидати за членство што се најнапредни во преговорите.
„Знаете, Црна Гора е најблиску до пристапување, а за Албанија, Молдавија и Украина ќе презентираме патокази во кои ќе ги испланираме сите можни технички чекори до крајот на нашиот мандат. Другата насока е поврзана со подготовката на нашите земји членки за поддршка на процесот на проширување на ЕУ. Не можеме да прифатиме нови членки ако нема поддршка од сите земји членки и од сите граѓани“, изјави Кос.
Таа нагласи и сега имаме две земји од Западен Балкан, Црна Гора и Албанија, кои се најнапредни на патот кон ЕУ. „Ова може да ги мотивира и другите земји, како што се Северна Македонија, Босна и Херцеговина и Косово, со кои сè уште не сме започнале преговори, да одат напред, а не да одат назад како Србија“, додаде Кос.
Кос во интервјуто уште оценува дека Бугарија ќе стане порта за поврзување на европските земји со државите од Јужен Кавказ и Централна Азија и Блискиот Исток, во рамки на проектот „Централен коридор“, кој има за цел вопставување на нови трговски, енергетски и транспортни врски меѓу Европа и Азија.
„За мене, ова е еден од најважните проекти на сегашната Европска комисија. Гледаме дека трговските и енергетските патишта се ограничени на север, поради војната во Украина, а на југ, поради војната во Иран и регионот. Ако го изградиме овој Коридор, ќе можеме да испорачуваме поевтина енергија во Европа, можеме да воспоставиме нови трговски патишта, стоките од Централна Азија можат побрзо да стигнат во Европа. И, секако, Бугарија се наоѓа токму на патот на овие нови коридори“, нагласи Кос.

