Откако на социјалните мрежи беше објавено дека има глувци позади трговскиот центар Буњаковец, од Општина Центар најавуваат вонредна дератизација во понеделник на критичните локации низ општината.
Последната вонредна акција беше спроведена пред само еден месец, а од почетокот на годината Општината реализираше редовна пролетна и две вонредни дератизации. Во октомври следува и редовната есенска дератизација, велат од Општината.
Општинските служби континуирано ја следат состојбата и реагираат секаде каде што има потреба, велат од Општината, додавајќи дека дератизацијата сама по себе не е доволна.
Нередовното чистење на контејнерите, натрупувањето и несоодветното оставање отпад создаваат услови за појава на глодари. Општина Центар апелира до граѓаните редовно да ги одржуваат дворовите, подрумите и заедничките простории во станбените објекти, велат од Општината.

