Опозициската СДСМ излезе со тврдење дека приватна фирма од Скопје плаќала лобисти во САД за промовирање на теми поврзани со Владата и премиерот Христијан Мицкоски.
Од СДСМ посочуваат дека станува збор за договор меѓу скопската фирма АТС Груп ДООЕЛ чиј сопственик е Шефшет Демировски и американската лобистичка куќа „Mercury Public Affairs“.
Богданка Кузеска на прес-конференција, повикувајќи се на податоци од американскиот регистар FARA, посочи дека во регистарот под број 6170 е наведено оти „Mercury Public Affairs“ е ангажирана од АТС Груп.
Цена: 130.000 долари месечно. Квартално однапред 390.000. Годишно околу 1,56 милиони долари.
Договорот трае, низ 2026 и 2027 година. На 2 април 2026 истата куќа, платена од АТС, предава материјал со наслов „Стратешко партнерство САД–Северна Македонија“, рече Кузеска на прес-конференција.
Таа побара јавно објавување на целокупната документација, вклучувајќи го и целосниот извод од FARA 6170, списокот на лица со кои „Mercury Public Affairs“ контактирала во име на АТС Груп, информациите за финансирањето на делегацијата и писмено објаснување за тоа зошто антимонот се претставува како државен интерес ако за него лобира приватна компанија.
Ова мириса на корупција и мора да се истражи, нагласи Кузеска.
Посочи дека СДСМ направил проверки на јавно достапните информации поврзани со посетата на Мицкоски во САД од 15 до 22 септември 2026 година и дека на страниците на Белата куќа, Стејт департментот, агендите на американскиот државен секретар Марко Рубио и заменикот Кристофер Ландау, Пентагон, ДФЦ, Конгресот и регистарот FARA никаде не пронашле официјална објава за средба на Мицкоски со Рубио, Ландау или друг висок функционер на американската администрација.
Нема агенда. Нема заедничко соопштение. Нема потпис. Има Фејсбук, рече Кузеска.

