Вонредната седница на Собранието на Црна Гора на која требаше да се одлучи за разрешување на собранискиот претседател Андрија Мандиќ не се одржа поради немање на кворум.
Мандиќ, кој е лидер на партијата Нова српска демократија (НСД), ја напушти пленарната сала по расправија со пратеници од опозицијата, кои побараа седницата официјално да биде отворена, да се евидентираат присутните пратениците и да им се овозможи на новинарите да ја следат нејзината работата, откако не им беше дозволено да влезат во салата.
По ова пратениците ја напуштија салата и немаше гласање за разрешување на Мандиќ од функцијата.
ДПС ја прекинува соработката со Владата
По одлагањето на седницата, најголемата опозициска партија во Црна Гора, Демократската партија на социјалистите (ДПС) објави прекин на соработката со Владата и парламентарното мнозинство, сè додека не се овозможи гласање за разрешување на Мандиќ.
„Нема да учествуваме во симулација на демократија“, изјави претседателот на ДПС, Даниел Живковиќ, на прес-конференција во Парламентот, најавувајќи дека неговата партија повторно ќе поднесе иницијатива за разрешување на Мандиќ на првата редовна седница на Парламентот.
Најавата на ДПС дека ја прекинува соработката со Владата доаѓа во време кога Црна Гора има потреба од поддршката на опозицијата за усвојување на уставните измени и други реформи што се дел од процесот на пристапување кон Европската унија.
Обезбедувањето не им дозволи на новинарите да влезат во салата
Претходно, парламентарното обезбедување не им дозволи на новинарите и снимателите да влезат во салата, а не беше емитуван ниту пренос од седницата.
Независниот пратеник Миодраг Лаковиќ сепак објави снимка од дебатата во салата на Парламентот, обвинувајќи го раководството на Парламентот дека не дозволило телевизиски пренос.
Шефот на пратеничката група на опозициска коалиција Европски сојуз, Борис Мугоша, објави фотографии од местата на пратениците на вкадејачкото Движење „Европа сега“ (ПЕС), тврдејќи дека од нив се отстранети картичките што го евидентираат присуството на пратениците, освен картичката на пратеникот Сеид Хаџиќ, кој најави дека ќе го поддржи разрешувањето на Мандиќ.
Коалицијата Европски сојуз ја сочинуваат партијата Социјалдемократи (СД), Социјалдемократската партија (СДП), Либералната партија (ЛП) и непартиски личности и граѓански активисти.
Владејачката ПЕС објави дека нема да ја поддржи разрешувањето на Мандиќ
Во парламентот со 81 пратеник, за одржување на седница е потребно присуство на најмалку 41 пратеник, додека за разрешување на претседателот на Собранието е потребно мнозинство гласови од присутните.
Владејачката ПЕС, како и партијата Демократи и Социјалистичката народна партија (СНП) претходно објавија дека нема да го поддржат разрешувањето на Мандиќ, додека опозициската Демократска народна партија (ДНП), која ја напушти владејачката коалиција во јануари годинава, соопшти дека нејзините пратеници нема да присуствуваат на седницата за да спречат гласање.
Повод за иницијативата за разрешување беше телеграма со сочувство што Мандиќ ја испрати на 27 август до семејството на поранешниот командант на војската на босанските Срби, Ратко Младиќ, , кој почина во притворската болница во затворот во Хаг, каде што отслужуваше доживотна затворска казна за геноцид и други воени злосторства за време на војната во Босна и Херцеговина.
Мандиќ објави дека упатил сочувство во свое име и во име на неговата партија, НСД, дека постапил во согласност со обичаите и дека нема ништо спорно во неговата телеграма.
Демократската партија на социјалистите (ДПС), која ја покрена иницијативата за разрешување, смета дека постапките на Мандиќ го оштетиле угледот на Парламентот и меѓународниот кредибилитет на Црна Гора.

