САД имаат намера да ги продлабочат стратешките партнерски односите со Србија, порача американскиот државен секретар Марко Рубио, нагласувајќи дека сепак земјата е „вклучена во потенцијално проблематични прашања“.
Српските медиуми оценуваат дека во ваквата куса забелешка на Рубио на прашање за односите со Србија, целосно се вклопуваат комплицираните односи меѓу Белград и Вашингтон.
Рубио ја нагласи намерата на САД за „понатамошно продлабочување на односите со Србија како стратешки партнер“, изразувајќи задоволство од пофалбите што српскиот претседател Александар Вучиќ им ги упати нему и на американскиот претседател Доналд Трамп.
„Ми се допаѓаат пофалбите, не секогаш ги добиваме, го знаете тоа“, изјави Рубио на маргините на 81-та сесија на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк.
Сепак, американскиот државен секретар, исто така, додаде и дека „Србија е вклучена во некои потенцијално проблематични и многу чувствителни прашања кои исто така привлекуваат меѓународно внимание“.
Тој не објасни на какви конкретно проблематични и чувствителни прашања мисли, но изрази надеж дека тој и претставници на Стејт департментот и на другите државни институции на САД, ќе има можност да ја посети Србија.
Кон средината на јули, американската Администрација започна стратешки дијалог со Белград. Сепак, само еден месец подоцна, американските конгресмени Џо Вилсон и Вилијам Китинг предложија „закон за Србија“, во кој остро се критикуваат властите во Белград и се тврди дека тие „ја поткопуваат демократијата и негуваат блиски односи со Русија, Кина и Иран“.
Засега, овој документ се уште не е усвоен од Конгресот.
„САД се доследни во својата политика дека Србија мора да се придржува до владеењето на правото, да ја запре регионалната дестабилизација и да ја почитува слободата на говорот и собирањето“, изјави конгресменот Вилсон.
Предложениот документ бара од Рубио да изврши притисок врз Белград за да обезбеди слободни и фер избори, да ја засили борбата против корупцијата, да обезбеди владеење на правото и да го промени својот однос со Москва, Пекинг и Техеран.
Доколку овие прашања не се решат соодветно, не се покрене независна и транспарентна истрага и не се утврди одговорноста за трагедијата во Нови Сад и за употребата на прекумерна сила против демонстрантите, спорд Китинг и Вилсон, САД треба да размислат за суспендирање на стратешкиот дијалог.

