Американските и иранските преговарачи во Њујорк разгледуваат постепен пат кон надминување на застојот, што би подразбирало повторно отворање на Ормускиот теснец за поморскиот сообраќај и укинување на американската економска блокада врз Иран, изјавија за Ројтерс извори запознаени со разговорите.
Според два ирански извора, двајца регионални претставници и двајца западни дипломатски извори, преговорите се отежнати поради фактот што ниту една од страните не е подготвена прва да се откаже од своите адути за притисок.
Сепак, во Иран постои свест за економските последици од продолжувањето на конфликтот.
Висок ирански претставник изјави дека најреалистичниот начин за излез од ќорсокакот би бил договор во фази, според кој Иран би дозволил пловење низ Ормускиот теснец во замена за укинување на американската економска блокада, со можност Техеран да добие пристап до замрзнатите средства.
„Еден начин да се оди напред би било решавање на кризата во фази. Првата би била укинување на блокадата и повторно отворање на Ормускиот теснец“, рече тој на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации.
Ова би барало од американскиот претседател Доналд Трамп да се согласи на уште еден привремен аранжман, по пропаѓањето на претходниот договор во јули. Следствено, изворите наведоа дека еден од клучните предизвици за преговарачите не е само постигнување договор, туку и обезбедување отстапки што се доволно значајни за да се гарантира дека двете страни ќе имаат доверба во неговото спроведување.
Трамп изјави дека верува оти САД и Иран би можеле да постигнат договор по изборите за Конгресот на 3 ноември.
Висок европски претставник забележа дека Иранците имаат „многу долга листа на барања“.
Претставник на Белата куќа изјави дека „Иран очајно сака договор“, додека Трамп „ги држи сите адути во рацете и ќе ја донесе одлуката што е најдобра за Соединетите Држави“.
Според него, Трамп останува „подготвен да разговара со Иран под соодветни околности“, но нема обврска да преговара; САД се во „многу силна позиција“, контролирајќи го Ормускиот теснец и соочувајќи се со иранска економија што „колабира“. Официјалниот претставник истакна дека парализирачките санкции и една од најуспешните блокади во историјата тешко ја погодиле иранската економија, оставајќи ја земјата без средства.
Тој додаде дека Трамп е подготвен да дозволи да се случи „неизбежниот колапс на Иран“ наместо да му дозволи на Техеран да го „надмудри“.
Поранешниот американски преговарач Денис Рос оцени дека постои само 30 отсто шанса за постигнување договор пред изборите, иако двете страни можеби имаат посилни причини да склучат договор пред гласањето во Конгресот отколку по него.
„Блокадата е она што навистина врши притисок врз Иранците. Таа ги задушува“, рече Рос. Договор пред изборите би можел да му донесе одредени политички придобивки на Трамп, бидејќи повторното отворање на Ормускиот теснец би можело да ги намали тензиите во Персискиот Залив, да го запре растот на цените на нафтата и да помогне во намалувањето на политички чувствителните цени на горивото во САД, пренесува агенцијата.
Од друга страна, Иран би можел да има поголеми шанси да обезбеди прекупотребна економска помош додека Трамп сè уште има силен политички поттик за постигнување договор.
По изборите за Конгресот, истакна Рос, Трамп можеби ќе се соочи со помалку политички ограничувања и ќе биде поподготвен да го засили притисокот врз Иран или да разгледа воени опции.
САД и Иран разгледуваат постепена деескалација и повторно отворање на Ормускиот теснец

