Италијанската премиерка Џорџа Мелони денеска објави дека италијанската влада усвоила уредба за образованието со која, меѓу другото, се воведува ограничување од 30% за бројот на ученици со недоволно познавање на италијанскиот јазик во паралелките во италијанските училишта.
Во објава на платформата „Икс“ (X), Мелони наведе дека уредбата предвидува и дополнителни мерки во врска со учењето на италијанскиот јазик, како и забрана за носење бурка и никаб во училиштата.
Таа ги опиша овие мерки како „разумни“, истакнувајќи дека тие не ги делат учениците, туку придонесуваат кон нивната интеграција, спречуваат создавање „гето-паралелки“ и нудат еднакви можности за сите ученици.
„Ова е правецот по кој сакаме да се движиме: училиште што интегрира без да се откажува од правилата, им помага на оние на кои тоа најмногу им е потребно и им овозможува на сите да започнат од иста позиција“, изјави Мелони.
Мелони: Ограничување од 30% за ученици со недоволно познавање на јазикот во паралелките

